Во овој момент се случува тоа што Милтон Фридман го кажа во своето дело „Капитализмот и Слободата“, а тоа е дека слободниот пазар ...
Можеби како никогаш до сега во фокусот на светскта јавност се маргинализираните групи. Најчесто во светот се спомнуваат афроамериканците и другите малцинства во САД и Западна Европа, но во случајот на Македонија таа група која се спомнува често кај нас во тој контекст се ромите, кои сочинуваат најмалку 3% од населението на државата.
Секој од нас е запознаен со состојбата на ромската заедница во Македонија и има изградено најчесто стереотипно, во негативна смисла на зборот, мислење за неа. Ромите се народ со кој живееме според најстарите историски извори уште од 14 век, кога се претпоставува дека се доселени заедно со турските големци во Македонија. Има голем број на роми од Македонија кои добро ги познаваме поради нивниот голем придонес, дали било тоа во муизката, спортот, итн. Некои од нив се Есма Реџепова, Ферус Мустафов, Агушеви, Вели Мумин, а потекло од македонските Роми влечат и регионално познатите Џеј Рамадановски и Мухарем Сербезовски. За жал, Ромите се народ за кој и покрај бројните личности кои дале огромен придонес за македонската музика, култура и спорт голем број луѓе ги немаат променето своите стереоптипни размислувања за оваа заедница во Македонија.
Бидејќи се група за која што се врзува негативен стеротип тие често се маргинализирани и на дното на социо-економската скала во Македонија. Ситуацијата не е ништо поразлична и во повеќето европски општества. Во оваа колумна не би зборувал многу за историскиот развој, општествениот или кои фактори придонеле за моменталната состојба, но би зборувал за тоа што би можело да ја промени таа состојба, а која според мене и веќе делува во таа насока.
Идејата за овој текст и теза ми дојде пред некое време. Уште од моето детство паметам дека на Ромите не се гледаше благонаклонои не можеа да се сретнат на работни места кои ние би ги категоризирале како средна класа. Секогаш од нив се очекуваше да бидат само питачи, ситни криминалци, „старо купуем“ (собирачи на секундарни суровини) и дел од жените Ромки чистачки по домовите. Реалноста беше, додека јас растев и низ целото мое образование, невработеноста беше огромна, околу 30–40%. Работа имаше за многу малку луѓе од која било етничка заедница, а можете да замислите како беше за припадниците на ромската заедница на кои не се ни гледаше како на некаква потенцијална работна сила. Од таквиот однос во тој период, во сеќавање ми остана една случка која ја слушнав од еден мој професор за неколкумина Роми од струковните училишта кои не можеле да најдат пракса во своите дејности затоа што никој не сакаше да вработи Роми. Таа приказна некако остана со мене, а кога случајно налетав на неколкумина Роми вработени како пекари, добив мотив за да го образложам моето видување на оваа тема. Баш во тој момент си помислив како ли само се сменија работите. На позиции каде што порано немав видено ниту еден Ром, особено позиции кои денес се дефицитарни и малку луѓе се нафаќаат да ги вршат, во денешно време сè повеќе и повеќе гледаме Роми. Така денес нема да биде чудно да ги видите Ромите на работни места по супермаркетите, кај земјоделците како најпостојани работници, автопералните, во угостителството итн.; нешто што порано беше тешко замисливо.
Што се промени? Дали е тоа затоа што сме станале потолерантни, подобар народ или нешто друго е во игра? Ако бидеме искрени, со исклучок на некои мали промени во размислувањата кај некои поединци, повеќето луѓе сѐ уште размислуваат на истиот начин како и порано, со истите стереотипи кон нив, не само во Македонија туку и во светот. Од друга страна пак, приметувам во последните 2–3 години дека многу компании имаат проблем со наоѓање соодветен кадар за работа и истите да ги задржат.
Тогаш ми „светна“ дека едноставно ни се случи слободниот пазар и ми стана некако појасно зошто сѐ повеќе налетувам на Роми, на работните позиции каде што не сум ги гледал до вчера. На дело, пред себе ја гледав невидливата рака на пазарот, а од него најголем бенефит спортивно на популарните митови имаат всушност маргинализираните групи. Во Македонија веќе со години имаме пад на стапката на невработеност која што во 2019-та дојде на 17,76%, што и колку и да изгледа високо, всушност е најниската некогаш забележана стапка и повеќе од двојно помала од таа што беше во најголем дел во последните 30 години. Во најголем дел е поради иселувањето на населението кое е со засилено темпо во последните 5–10 години. Во други пак случаи, на локално ниво, влијаат и отворени нови индустриски капацитети. Пример за ова се берачите на грозје во тиквешкиот регион каде што отворањето неколку нови производни погони доведе до недостаток на работници на нива, а токму тие позиции беа пополнети од Роми, за чија побарувачка скокна. Во секој случај, невработеноста е на најниско ниво и тоа се гледа. Исто така имаме податоци дека и платите растат додека во исто време е се потешко да се најде вработен и истиот да се задржи подолго време.
Во овој момент се случува тоа што Милтон Фридман го кажа во своето дело „Капитализмот и Слободата“, а тоа е дека слободниот пазар е всушност тој што ги штити луѓето од дискриминиација, слободниот пазар е тој кој отвори многу работни позиции за маргинализираните групи. Едноставно е, ако постои компетитивен и слободен пазар секоја фирма која дискриминира врз основа на раса, пол, идеологија или што било друго неврзано за работните перформанси прави еден вид трошок. Таквите фирми пазарот ќе ги истисне. Во овој случај слободниот пазар работи така што поттикнува морално однесување. Работодавачите во многу сфери повеќе немаат избор да не ангажираат некого поради бојата на неговата кожа. Капитализмот сепак познава само една боја, а тоа е зелената и во моментов почнува борба за секој квалитетен работник без разлика на тоа од каде дошол и какво е неговото потекло. Тоа што милиони евра во грантови, еднократни донации, семинари не успеаа да поправат, самиот слободен пазар тоа го направи, а тоа е да се намали дискиминацијата по секакви основи, единстеваната „дискриминација“ која на ваков начин ќе надвладее е таа на меритократијата.
Тоа секако нема да е доволно преку ноќ да се смени положбата на Ромите и на другите маргинализирани групи во општеството, но е добар прв чекор. Преку интеграцијата во пазарот на трудот ќе почнеме да гледаме на Ромите како на колеги, шефови, работници, пружатели на услуги и слично, а не како на ситни криминалци и ѓубреџии. Со текот на времето нивната материјална положба ќе се подобри, а паралелно со тоа и односот со другиот дел на населението. Затоа ако некој е навистина загрижен за состојбата на маргинализираните групи, тогаш е јасно дека треба да работиме на ослободување на пазарот со што ќе добиеме силен економски раст и креирање на многу нови работни места. Нешто што e основа за подобрување на социо-економската положба на дискриминираните групи.
Поврзано