Справувањето со кризата започна така што голем дел од бизнисите беа приморани да стават клуч на вратите...
Големата депресија од 1929–1932 година, односно најлошата економска криза, претставува епизода од човековата историја со која тешко можеме да се поврземе. Тоа е приказна за која учиме од книги, но без оглед на бројките, нашето разбирање на приказната е ограничено. Беше потребно да поминат безмалку осумдесет години за да случи нешто слично. Така Големата рецесија од 2007–2009 година и Европската должничка криза која следеше во нас влејаа лажна надеж дека ќе бидат потребни многу години повторно да искусиме таква несреќа. На вирусот Ковид-19 воопшто не му беше грижа за тоа, па ни затропа на портите додека сѐ уште не бевме целосно избавени од рецесијата која се случи неполни петнаесет години порано.
Поголемиот дел од трошоците предизвикани од економските кризи се секако, пред сѐ, економски. Но,овојпат поради самата природа на кризата во врска со Ковид-19, испреплетена со апсурдни мерки преземени во името на „справувањето со кризата“ од владите насекаде во светот, последиците ќе бидат уште пострашни одошто требаше да бидат. Сепак, бидејќи живееме во слободни демократски општества, не би било праведно да ја префрлиме одговорноста само на вирусот и владите, а да не преземеме и ние самите дел од одговорноста.
Справувањето со кризата започна така што голем дел од бизнисите беа приморани да стават клуч на вратите. Оние дејности кои беа неопходни продолжија да работат, но се соочуваа со безброј ограничувања. Бизнисите претрпеа толкави загуби што тоа доведе до ситуација во која голем дел од бизнисите подоцна воопшто не ги отворија вратите повторно, а се разбира, пред сѐ, оние помалите беа тие кои претрпеа поголеми штети. „Среќната околност“ во целата ситуација е што Ковид-кризата се случи во модерно време кое им овоможи на многу бизниси да ги „пренесат“ канцелариите во домовите. Доколку тоа не беше така, трошоците ќе беа незамисливо поголеми.
Во обид да ја поттикне потрошувачката, во време кога поради намалената економска активност државната каса остана без пари, владата се задолжуваше како никогаш претходно. Како последица на тоа во 2020 година Македонија забележа рекорден буџетски дефицит од 53,9 милијарди денари. Иако сѐ уште немаме официјални податоци за БДП во 2020 година, институции како ЕБОР, Европската комисија и ММФ проценуваат пад од помеѓу 4,9% и 5,4%. За волја на вистината и ситуацијата во Европа и во светот не е многу поразлична.
Сепак не се врти сѐ околу економијата. Предизвиканите трошоци од Ковид-кризата се среќаваат во секој домен од животот. Бидејќи луѓето се социјални битија, кога ќе ги приморате да се изолираат повеќе од вообичаено, осаменоста расте. Таа со себе пак носи и други нерешливи проблеми кои доведуваат дури и до тоа многумина да посегнат и по својот живот. Македонија, како и многу останати земји, ги објавува податоците за самоубства со времено задоцнување, а оттука се гледа дека проценката на вкупните трошоци од кризата е уште поголема. На пример, Јапонија веќе ги има првите податоци кои упатуваат на заклучокот дека стапката на самоубиства е во пораст, и тоа пред сѐ меѓу жените. Навидум необично, бидејќи за време на „нормалните“ економски кризи, како што е претходно споменатата од 2007–09 година, растот на самоубиства беше забележан само меѓу мажите. Но, со оглед на тоа што жените се тие врз кои падна поголемиот дел од теретот предизвикан од кризата, бидејќи најпогодените индустрии беа оние кои вработуваат пред сѐ жени како работна сила, овој феномен ни станува сѐ појасен.
Тоа го потврдува и фактот што во земјите од Европа платите на жените имаат поголем пад во однос падот на платите на мажите и тоа дури за 47%. Во случај самоубиствата да се една од последиците на нарушеното ментално здравје, можеби и би се „задоволиле“ од ситуацијата во која се наоѓаме. За жал, тоа не е крај на приказната, а нарушено ментално здравје може да се забележи, во голема мера и кај децата и младите. Јасно е оттука дека кога менталното здравје на човекот е нарушено тој честопати посегнува по дрога и наркотици. Во САД, многумина исто така неуспешно се обидуваа да се справат со епидемијата со помош на конзумирање опијати, а тоа за време на кризата доведе до пораст на стапката на луѓе кои починале од предозирање.
Тука не смееме да ги заборавиме и децата, кои се веројатно и меѓу најзасегнатите во врска со загубите од ограничувањата. Имено, за 168 милиони деца во светот училишта беа затворени, додека пак 214 милиони, односно секое седмо дете, испушти три четвртини од годината да учи во близина на своите врсници. Решенијата кои ги понуди владата, училиштата да функционираат преку електронска настава се далеку од идеални, имајќи предвид во каква ситуација се наоѓа образованието и колку е достапна потребната технологија за нејзино спроведување. Сепак, не дозволувајќи му на совршеното да му биде непријател на доброто, би рекол дека тоа беше реформа во правилна насока. Но, како и секогаш, владите не можат да застанат. Така, наместо да продолжат во таа насока и да изнајдат решенија за проблемите со кои се соочуваше образованието во време на Ковид-кризата, тие се одлучија за воведување образовни реформи во врска со кои би било малку да се каже дека само ја разбрануваа јавноста.
Исто така, кризата и затворањето на економијата и работните места не го извршија истиот ефект врз богатите и сиромашните. Посиромашните слоеви од населението имаа поголеми проблеми да ги платат месечните сметки, беа приморани да трошат од заштедите и дополнително да се задолжуваат. Ако ги споредиме и богатите со сиромашните земји ќе ја забележиме истата тенденција во која попогодени се сиромашните. Иако и во богатиот свет справувањето со кризата е тешко, тоа не води до глад и сиромаштија, што не е случај и во третиот свет. Во светски рамки во 2020 година се проценува дека бројката на луѓе кои си легнуваа гладни секој ден се зголеми за 135 милиони, додека бројот на луѓето кои живеат во апсолутна сиромаштија се зголеми за 124 милиони. Морам да нагласам дека повеќето од податоците за горенаведените трошоци се однесуваат на одредени специфични земји или генерално светот и не се однесуваат директно за Македонија. Сепак, тоа не значи дека Македонија е исклучок, ниту пак дека кај нас, како што се вели, сѐ е розево, туку само дека недостасуваат евидентирани податоци (или пак јас не можев дојдам до истите). На крајот од денот, неминовно е и тоа дека трендовите кои се забележуваат насекаде низ светот ќе нѐ следат и нас. Разликата ќе биде само во износот на трошоците, кои во голем дел се одраз на долгата рака на владата при организирање и контрола на општеството.
Поврзано