Време е разочараноста да се канализира правилно. Не да се канализира во преродби од 100 чекори или шарени револуции, туку во најобична промена на навиките на гласање....
Разочаран сум; и лут сум; и тажен сум; и фрустриран сум; и депримиран сум. Сè во едно, a верувам дека не сум единствениот во Македонија кој така се чувстува кога станува збор за општата состојба во којашто се наоѓа државата. Повеќемината околу мене ги делат истите чувства на лутина и разочараност, но и чувство дека треба да се предадеме и дека ништо не се може. И тоа токму тогаш кога,по некое правило, би требало најмногу да се разгори некакво чувство за акција – неколку недели пред избори.
Многу е лесно во оваа ситуација човек да се предаде на апатија. Да си каже: „тоа е тоа и што и да направиме ќе биде исто. Гледај само како да дојдеш до до европска виза или пасош и што подалеку од овде...“ Дури премногу лесно е да се предадеш, а всушност токму сега е моментот кога можеме да направиме најмногу. Не мислам тука на некоја револуција или на некоја промена на власта каде што преку ноќ ќе се појави трета опција. Зборувам за тивка и постепена промена којаштоќе прерасне во тренд на разбивање на дуополот на досегашните владеачки партии.
Токму сега, кога народот е изморен од пандемијата, кога ни претстои голема инфлација и имајќи ги предвид сите скандали, афери, понижувања и гафови на „властодржателите“, можеме да почнеме да ја разбиваме матрицата ВМРО-СДСМ. Немам илузии дека овие избори ќе донесат промена, ниту, пак, гледам некоја трета опција на која што би можел да ѝ дадам целосна поддршка, но во оваа ситуација каков било глас е подобар од апститенција. Апстиненцијата е најлошата можна одлука. Пред сѐ затоа што правото на глас е привилегија којашто секој на планетава не е среќен да ја има, како и обврска на припадниците на едно општество коешто сака да се смета за демократско. Потоа, со децении наназад практиката докажа дека апстиненцијата и ниската излезност директно одат во прилог на владеачката партија и на партиите со големо членство. Накратко кажано: негласање на изборите е глас за нив. И најпсоле, со тоа што гласате се намалува просторот за манипулација. Полнењето гласачки кутии преку фантомски гласачи е потешко да се спроведе во услови кога мнозинството народ излегува да гласа. Во тој случај дури и да гласате за некоја од големите партии е помало зло. Во врска со тоа колку и да се штетни и слични едни на други големите партии, сепак не се исти. Постојат некои мали разлики кои можат да се почувствуваат кога едните или другите се на власт. Особено е така кога станува збор за локалните избори какви што се актуелните,на кои се избира личност којашто ќе соработува со граѓаните на разрешувањето на нивните најосновни и секојдневни проблеми. На локалните избори можеби најважен е карактерот на самиот носител, бидејќи и меѓу послушниците постојат различни. Не е исто да имате способен послушник и неспособен партиски послушник на чело на вашиот град или општина.
Сепак, достаса времето да дадеме глас за новите опции. Време е да се разбијат дуополите и навиката да се гласа за опција 1 или опција 2. Најдобар почеток за такво нешто може да бидат општинските совети. Сосема е јасно дека сѐ уште воповеќето места не постои доволно свест за тоа дека може да победи некој кој не е член на големите партии, но сепак постои сосема доволен број критичка маса за да внесе шареноликост во градските и општинските совети. Доста беше од истите луѓе на советничките места. Ајде малку да ги разбиеме. Време е да се внесе конкуренција и отворен пазар во советите. Многу е потешко да се манипулира и да се врзат рацете на советници од 5–6 партии, односно листи,отколку да се принудат на донесување одредени партиски одлуки веќе докажаните послушници од големите партии. Згора на сѐ, кога и партиски послушници би знаеледека фотелјите им се клатат би имале поголема мотивација за транспарентно работење. И тоа е доволно да започне една голема и темелна промена којашто подоцна би можела да се преслика и на парламентарните и претседателските избори. Мисли глобално – делувај локално. Да почнеме прво од најосновното, а тоа е демократизација на општинските совети којашто со текот на времето ќе прерасне во хетерогенизација на составот на парламентот.
Време е разочараноста да се канализира правилно. Не да се канализира во преродби од 100 чекори или шарени револуции, туку во најобична промена на навиките на гласање. Како што на пазарот конкуренцијата и пошироката понуда доведуваат до поголем квалитет на услугите и производите по поволна цена, така и на политичката сцена пошироката понуда и отворената конкуренција ќе доведат до најдобри резултати за гласачите. Политиката не е ништо поинакво од еден пазар каде што различни компании во форма на политички партии има нудат на потрошувачите во форма на гласачи различни производи во форма на политики и програми. Ако знаеме дека отворениот пазар нуди просперитет, зошто да немаме и отворен политички пазар? Сè е во нашите раце.
Поврзано