Доколку не научиме ништо од изминатиов период последиците би биле навистина катастрофални...
Сакале да си го признаеме тоа или не животот последнава година многу наликува на оној на Бил Мареј во „Граундхог деј“. Навидум секој ден се повторува, а притоа сите се смртно исплашени. Маски мораа задолжително да се носат во затворени простории, рацете мораа да се дезинфицираат редовно со антибактериски гелови и градот беше мртов до пред неполн месец, бидејќи угостителските објекти беа приморани да стават клуч на вратите додека полицскиот час започнуваше од 21 часот...
А сѐ започна со „ограничувања во рок од 15 дена“, со цел да ја „израмниме кривата“ и да не го преоптовариме здравствениот систем. Морам да нагласам дека ниту сум епидемиолог, ниту пак поседувам доволно и соодветно знаење за вирусот со којшто се справуваме, меѓутоа, по сѐ изгледа дека не е потребно да ги поседуваме „медицинските титули“ за да ги забележиме апсурдностите на владините ограничувања, како во Македонија, така и насекаде низ светот. Доколку се вратиме низ времето, само десет години по осамостојувањето, токму за време на воениот конфликт од 2001, ќе воочиме дека и покрај воените ограничувања животот тогаш продолжи да се одвива „нормално”, додека пак, на 18 март 2020 година претседателот Стево Пендаровски за првпат по осамостојувањето на Македонија воведе вонредна состојба, која ја немаше во 2001 година. Од овој факт произлегуваат две прашања: дали владата во 2001 година згреши и не нѐ заштити со тоа што не воведе вонредна состојба за време на воен конфликт, односно дали претседателот С. Пендаровски згреши што воопшто ја воведе или пак ја воведе премногу рано вонредната состојба за време на пандемија? Можеби, пак, и двете постапки беа погрешни?
Бидејќи воениот конфликт не е тема на оваа дискусија, ситуацијата во негово време нема подетално да ја анализирам, но за тековната ситуација би рекол дека претседателот С. Пендаровски прерано го „затвори“ општеството (доколку воведувањето на досегашните мерки воопшто ги сметаме за правилна одлука). Вистина е дека луѓето беа исплашени уште од самот почеток на пандемијата, а што може да се заклучи и по настанатата еуфорија, празните полици и гужвите по супермаркетите. Имајќи предвид дека лошите вести продаваат, голема улога во создавањето „клима на страв“ имаа медиумите, кои само ја преувеличуваа реалната опасност, а вонредна состојба беше прогласена во време кога во Македонија имаше само 35 заразени лица со корона вирусот. Доколку донесувањето таква одлука се смета за правилна, тогаш Македонија досега не требаше ни да „се отвори“.
Што да се каже за задолжителното носење заштитни маски во јавност кое беше на сила до пред неполн месец? Имено, без оглед на тоа дали сте биле сами на отворено или во автомобил, вие моравте да носите маска. Да биде уште пострашно, воопшто не беше важно дали сте веќе вакцинирани или пак сте го прележале вирусот. Единствено важно беше да се носи маска на јавни места! Оттука прашањето кое се поставува, а кое нема одговор кој би нѐ задоволил е: кого го штитевте на тој начин!?
Она што ја правеше ситуацијата со маските уште поапсурдна е тоа што на пат кон ресторан луѓето беа приморани да носат маски за потоа во моментот кога ќе седнат на маса да ги извадат. На тој начин, иако беше пропишано само шестмина (претходно само четворица!) да седат на една маса, а масите да бидат на растојание, ширењето на вирусот не беше спречено. Доколку е дозволено да се седи на маса во угостителски објекти без маски, зошто воопшто беше потребно да се носат на отворено? По сѐ изгледа политичарите сметаа дека со седнувањето во ресторан се создава некое „заштитно поле“ околу секој човек кое исчезнува во моментот кога ќе излезе од ресторанот.
Кога ќе размислиме поубаво, апсурдот се врзува и за временските ограничувања на угостителските објекти и за ограничувањето на движењето на граѓаните по 21 (потоа по 23 и 24) часот кои беа дел од нашето секојдневие. Изгледа дека ние го третиравме вирусот како да е безмалку вампир кој може да се движи и шири само кога ќе падне ноќта.
Најразличните апсурдни ограничувањата секако влијаеја и врз бизнис секоторот. Тие ја замреа економската активност и оставија многумина без работа. Подоцна владата им „излезе во пресрет“ на (ново)невработените со паричен надоместок од 9.000, односно 6.000 денари. И додека голем дел вработени во приватниот сектор беа приморани да останат во своите домови, било да е тоа поради затворените училишта и градинки или пак поради губењето на работните места, голем дел од вработените во јавниот сектор продолжија да добиваат плата, иако и тие седеа дома. Имајќи на ум дека како што се вели парите не растат на дрво, платите на вработените во јавниот сектор кои не придонесуваа за општеството им беа исплаќани или од даноци или преку задолжувања на државата. Ова претставува најдиректен начин на трансфер на богатство од вработените во приватниот сектор за оние во државниот. Она што е најтрагично во целата оваа ситуација е што последните петнасет месеци сведочат за уште десетици слични примери на владини ограничувања кои се косат со трезвеното размислување и логика.
Наредните години, ако не и децении, ќе се прават бројни истражувања во врска со Ковид-19 во сите научни полиња. Можеби ќе се разликуват едни од други, меѓутоа она што ќе биде неоспорлив факт е тоа дека реакцијата на политичарите и општеството во целина беше претерана во однос на вистинскиот ризик. Сепак со почетокот на масовното вакцинирање на граѓаните насекаде низ светот се движиме во добра насока. Се надевам дека тоа ќе ни овозможи повторно да живееме убаво и слободно, а не да се задоволуваме само со преживување. Она што се случуваше во последните петнаесет месеци сега мораме да го оставиме зад нас. Но, исто така, не смееме да заборавиме на големите трошоци кои настанаа од овој апсурден пристап во справување со „кризата“ предизвикана од корона вирусот, особено со оглед на тоа што ова не е ниту прва ниту последна здравствена криза. Доколку не научиме ништо од изминатиов период последиците би биле навистина катастрофални во случај повторно да мораме да се соочиме со вирус кој би бил поопасен и посмртоносен од овој.
Поврзано