Но, што навистина значи да се биде слободен?...
Tерминот слобода го користиме во политички, економски, социјален и верски контекст. Но, што навистина значи да се биде слободен? Одговорот на ова прашање е од клучно значење, бидејќи различните замисли на слободата вклучуваат различни политички идеали и различни модели на владеење. Добра појдовна точка да се истражи што значи да се биде слободен е во различниот приод кого интелектуалецот Бенжамен Констан го воведе на почетокот на 19 век.
Во делото од 1819 година под наслов „Слободата на старите народи споредена со онаа на современите", Констан понудил две антагонистички идеи во врска со тоа што значи да се биде слободен. Древниот концепт за слободата е насочен кон колективното, а современиот кон поединецот. Во суштина, идејата на Констан за „слободата на старите народи" се однесувала на тоа да му овозможи на народот директно да влијае врз политиката со дебати и гласање, како во стара Грција. Под поимот „слобода на современите" Констан мислеше поседување на граѓански слободи и контрола врз сопствениот живот во рамките на Законот.
Размислете за последиците. Современата концепција на слободата, производ на просветителството, потврдува дека ние како поединци поседуваме универзални права. Нашите права не зависат од членството во заедница или во владата. Ние се раѓаме слободни и ја установуваме власта да ги заштити нашите слободи. Историчарите сметаат дека Просветителството, или Ера на разумот, се одиграло во период помеѓу 1715 година и почетокот на Француската револуција во 1789 година.
Спротивно на тоа, во концептот за слободата на старите народи не постои разбирање за индивидуални права, кои не може да бидат одземени. Со ваков поглед на слободата колективното доаѓа на прво место, а луѓето ги поседуваат само оние лични слободи кои општеството избира да им ги даде. Оттука, владата претставува извор на нашите слободи. Древниот концепт за слободата повторно се разбуди за време на Романтизмот, кој настапил по Француската револуција го достигнала врвот помеѓу 1800 и 1850 година.
Двете замисли на слобода се драстично различни. Додека мислителите на Просветителството гледаа на индивидуалните права како на врховни, романтичарите ги сметаа слободите на колективот за најважни и и ги ставаа пред оние на поединецот.
Еден век подоцна, 1958 година, политичкиот теоретичар Исаија Берлин го објави своето дело „Две поимања на слободата", со кое донекаде се сеогласува со типологијата на Констан ,правејќи своја дополнителна поделба на негативна и позитивна слобода. Во анализата на Берлин, негативната слобода се подразбира како слобода од „мешање" на другите луѓе. Тоа значи, слобода од угнетување или принуда. Во согласност со просветителската и Констановата Современа концепција на слободата, негативната слобода на Берлин е слобода од тоа други луѓе да ги попречуваат нашите активности.
Ова е највисоката вредност на либералниот идеал на граѓанинот, слободен да ја следи сопствената идеја за добар живот без државата да се меша, под услов да не предизвика штета на другите. Во класичниот либерализам, улогата на државата е главно да обезбеди мирно водење на општество на слободни поединци. Акцентот е на еднаквоста согласно законот, и еднакви можности, а не нужно еднакви исходи.
Позитивната слобода на Берлин или слобода која се согласува со Констановата древна концепција на слобода насочена кон колективното, е онаа каде што државата мора да се меша за да им овозможи на поединците да го развиваат сопствениот потенцијал. Политички, позитивната слобода му дава слобода на колективот да дејствува според сопствена волја. Политиката на оваа слобода е пример за социјалистичките и марксистичките гледишта, според кои за да се биде слободен на овој начин ѝ дозволуваат на државата да применува угнетување и принуда за да се постигне саканата распеделба на општественото производство. Ова гледиште укажува на тоа дека поединците не се најдобри судии за тоа што е најдобро за нив и со тоа државата, која знае подобро, мора да одлучи во нивно име.
Негативната слобода на Современите ја дефинира слободата од тиранијата и арбитрарната власт. Позитивната слобода на старите народи укажува на поседувањето средства за дејствување. Интеракцијата на овие две замисли на слобода предизвикува расправија за вистинското значење на тоа да се биде слободен.
Допрва треба да ги решиме тензиите помеѓу вредностите на Просветителството и вредностите на Романтизмот. Според нашето современо гледиште на светот, изгледа се согласуваме дека нациите треба да бидат слободни. Но, од друга страна пак, многумина се согласуваат со социјалистичкото гледиште за тоа дека власта ни ја пружа слободата и дека поединецот не поседува основно право на слобода.
Поврзано
Џенет Дејли • 03.05.2021.
Џенет Дејли • 03.05.2021.