Како и сите други колективни права така и овие ги поништуваат личните слободи и го жртвуваат поединецот за колективот...
Да, Слобода со големо С, а не онаа обичната излитена слобода која ни ја протнуваат под тоа име, а всушност значи некаква си контрола, регулација или ограничување.
Навидум едноставен збор, термин кој мислиме дека и не бара некое објаснување. На прашањето „Што е слобода?” повеќемина би одговориле „Па, се знае де, слобода е да си слободен”. Оттаму имаме „специјални” слободи: те слобода на печатот, те слобода на сексуална ориентација, слобода на движење, слободно здружување и слично, а кои всушност и не се слободи туку строго котролирани правила диктирани од државата или нејзиниот регулаторен апарат.
Но, мојата поента за која пишувам во овој текст е малку поразлична. Моето прашање е: каква слобода сакаме и кој е нејзиниот „сопственик” или суверен? Колку и да изгледа едноставно ова е прашање на кое и не сум добил концизен одговор од поголем број луѓе. Како и повеќе работи во животот, сè е прашање на перцепција и желба на оној којшто одговара.
Ако ги споредиме наративите за слободата на неколку општества или политички убедувања лесно ќе ги воочиме разликите.
Во СФРЈ и социјалистичкиот систем во тоа општество лидерите, политичарите и самиот Тито не престанувале да зборуваат за слободата, за придобивките од социјалистичката револуција и новото општество. Постојано се повторуваше дека нашите народи и народности живеат во слобода, дека работникот е слободен, дека нашата држава е слободна. Иако во минатото не се сложував, подоцна сфатив дека тие воопшто не лажеле, дека групата била слободна, дека народот како целина бил слободен, па и државата била доста слободна, особено од меѓународните притисоци. Внатрешната политика, економскиот систем, образованието, здравството и многу други одлуки зависеле единствено од властите на државата, а еве деновиве актуелно е дека Македонците во таа држава слободно кажувале дека се Македонци, си ја изучувале историјата без надворешни влијанија. СФРЈ не беше ни во НАТО ни во Варшавскиот пакт, така што државата/власта била слободна во одлучувањето, трговијата, надворешната политика, дури била и иницијатор и коосновач на Движењето на Неврзаните.
Во исто време тоа беше држава со релативно ниско ниво на лични слободи, со жртвување на поединецот и неговите желби и потреби за доброто на колективот со минимизирање на важноста на поединецот, неговиот имот, неговиот труд, па дури и неговиот живот. Имавме колективна слобода преку опресија на индивидуата, а слободата и правата произлегуваа од државата. Таа беше суверенот кој ги даваше правата, небаре сме родени без права, па сега некој треба да ни ги даде. Се гордеевме со тоа што нашата СФРЈ ни дала право на слободен живот, ни дала слобода на движење и слично и бевме дресирани да бидеме благодарани за тоа што некоја институција ни го дала тоа право или слобода.
Од друга страна да ги земеме (за пример) либертарјанците или онаа „Америка“ на татковците-основачи на коишто се повикуваат конзервативците и либертарјанците во САД. Ветувањето на загарантирани лични слободи во Уставот и амандманите се во коренот на Американската Револуција и основањето на новата држава со потпишувањето на Декларацијата за независност во 1776 година. Основите на САД се базираат врз личните слободи и во верувањето дека колективните потреби никогаш не треба да ги загрозат човекови права на поединецот. Тие основи биле најизразени во познатиот Див запад или на пограничните делови во територјална експанзија каде имало многу малку или никакви државни закони, а уште помалку инструменти за нивно спроведување. Секој човек се борел и работел за сопствената благосостојба и безбедност како и за безбедноста и благосостојбата на своето семејство; сите одлуки ги донесувал сам, иако со тоа тој ја имал и одговорноста за нивното спроведување, како и за соочувањето со последиците (од тие одлуки), но секако и уживање во придобивките. Сепак и таму луѓето создале општество, се здружувале, избирале шериф, заеднички граделе инфраструктура, се здружувале за одбрана или напад од заканите или непријателите, сè со цел заедничиот труд и влог да донесат бенефит за сите. Но, секако ги немале бенефитите кои ги имале големите компактни нации коишто можеле да изградат грандиозни зданија, за подоцна да ја засилилат федералната власт која ја изградила железничката инфраструктура, аквадукти за снабдување со вода од стотици километри, армија која денес е хегемон во светот и слично. Со секое зголемување на слободата на власта, поединецот губел по некоја слобода, па така Америка од 18 и 19 век, не може да се спореди со Америка денес. Сепак за повеќето Американци сè уште е јасно дека луѓето се раѓаат со природни права, а државата може само да им ги одземе или врати, но никако не може да им ги даде. Во американската Декларација за независност стои: „Веруваме дека овие вистини се неприкосновени, дека сите луѓе се создадени еднакви и се дарувани од Креаторот со одредени неотуѓиви права, а меѓу нив се животот, слободата и потрагата по среќа”. Врз основа на ова, подоцна во Уставот стои дека тоа се нештата кои власта никогаш не може да ги одземе, иако гледаме дека и кај нив (некогаш) го одзема; сепак идеалот останува ист – независноста на САД се темели врз правата на луѓето, не на државата.
За споредба, Член 1 од нашата Декларација за независност од 1991-ва гласи: „Со оваа декларација се изразува сувереноста на Социјалистичка Република Македнија согласно со уставните определби за независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување”. Колку спротивно размислување – тука сувернетот е државата и во помала рака народот, но како целина. Нема ниту збор во целата декларација за поединецот, човекот, неговите слободи, права и потреби. Целосно СФРЈ размислување – колективот над поединецот.
Не можам да не споменам и за најмодерните колективни слободи кои не се базирани врз нација или држава, туку врз слободите и правата на одредени транснационални групи како што се родови и полови права, расни и етнички права, па сè до права поради некоја си професионална ориентација, како што е новинарската слобода, вегански права и други. Според мене сите овие борби за права и слободи на одредени групи се само зголемување на тензиите и често водат кон спротивен ефект. Дури и ако некој државен апарат направи многу за да ги обезбеди тие специјални права, тоа не вродува долгорочен плод. Како и сите други колективни права така и овие ги поништуваат личните слободи и го жртвуваат поединецот за колективот, па иако овие групи добиваат повеќе групни права, поединецот од овие групи ги губи личните слободи.
А сега да се запрашаме:
Каква слобода сака секој од нас поединечно?
Каква слобода сакаме ние како општество?
И најважно, чија е Слободата и кој може да ја даде и одземе?
Поврзано