Пред сѐ, треба да проучиме што е тоа што ја оправдува целта за финансирањето на политичките партии...
Во една своја статија објавена во април 2020 за реномиран македонски интернет портал, имајќи ја предвид економската криза која допрва следуваше, истакнав дека би требало да се суспендираат секаков тип непотребни субвенции, како на пример оние субвенции за политичките партии. Тие средства кои доаѓаат од државниот буџет првенствено се наменети за рекламирање и промоција на политичките партии, а бидејќи таквата дејност не е трговска по природа и не придонесува кон подобрувањето на економијата, т.е. не поттикнува ефикасни вработувањата, не го помага здравството, не влијае кон безбедноста на граѓаните, не произведува храна или не нуди сместување за оние кои имаат најмногу потреба од тоа, со сигурност не се неопходни и затоа би требало истите средства да бидат пренаменети за поважни цели или едноставно да им се вратат на граѓаните. Во врска со тоа во продолжение ќе се осврнам на Законот за финансирање на политичките партии. На 19.6.2020 година беше донесена Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии со која се пропишува четири милиони евра од сума малку повисока од пет милиони евра (0.15% од буџетот), кои претходно беа наменети за финансирањето на политичките кампањи, сега да останат во буџетот. Тоа всушност значи дека пред парламентарните избори одржани на 15 јули 2020 година на партиите им се исплатени околу 1 161 000 евра. Одлуката во врска со намалувањето на финансиската поддршка на политичките партии е од огромно значење, не само поради тоа што четири милиони евра ќе бидат сочувани наместо да бидат залудно потрошени за рекламен материјал, туку и поради тоа што таквата одлука покажува дека и оваа „редуцирана“ сума пари е сосема доволна, ако не и повеќе од потребна за таа цел.
Пред сѐ, треба да проучиме што е тоа што ја оправдува целта за финансирањето на политичките партии. Некои велат дека целта е да им се помогне на сите партии да се изјаснат и да можат да допрат до гласачкото тело, особено оние кои немаат или во минатото немале еднакви можности за тоа, бидејќи или се нов субјект на политичката сцена или немаат бројно членство кое би можело да учествува во финансирањето. Со постоечкиот Закон за финансирање на политичките партии предвидено е 30% од вкупните приходи да се распределуваат меѓу политичките партии кои добиле најмалку 1% од вкупниот број гласови на последните парламентарни избори, додека 70% се распределуваат меѓу политичките партии кои имаат пратеници во Собранието, согласно бројот на добиени мандати на последните парламентарни избори. Како што веќе беше споменато, според постоечкиот закон средствата за финасирање на политичките субјекти изнесуваат вкупно 0.15% од буџетот на Републиката на годишно ниво.
Според вака пропишаниот закон очигледно е дека целта сепак не е сите партии да добијат еднаква шанса за себепромовирање пред народот туку поголемите партии да се заштитат и искупат за својата сопствена некомпетентност која ја покажале во изминатиот мандат. Едноставно треба да се запрашаме, зошто им се потребни толку средства на партиите кои веќе имале свои претставници во законодавниот дом и извршната власт, најмалку четири години биле присутни во првите редови на политичката сцена и биле изложени пред очите на јавноста додека (најважно од сè) ние како граѓани сме ги почувствувале ефектите од одлуките кои тие ги изгласале и „спроведувале“ за времето додека биле на власт. Доколку сакаме разновидност во мислењата очигледно е дека треба да им се даде еднаква можност на сите со цел да ги искажат своите ставови и идеи, а тоа може да се исполни единствено по пат на подеднакво распределени средства меѓу политичките партии или блокови. Со ваков закон, можеме да заклучиме едно – партиите кои се дел од парламентот ги штитат своите позиции од други можни нови политички субјекти, а со самиот тој чин ја уништуваат основната цел на парламентарните избори: граѓаните да имаат доволно избор за кого да гласаат и демократски да ја изберат најсоодветната и најкомпетентната партија и поединци кои ќе ја водат нивната држава. Дополнително, треба да го споменеме и тоа дека во 2018 година Законот за финансирање на политичките партии беше изменет и дополнет така што на партиите по стапување на сила на новите законски одлуки им се дадоа на располагање двојно повеќе средства во споредба со средствата кои ги добивале пред донесувањето на законските измени.
Моето второ прашање е дали мислите дека овие милион евра „успешно“ наменети за финансирање на политичките партии во 2020 година, а кои впрочем требаше да бидат пет милиони евра, се неопходни за зајакнување на демократијата во државата и за самото идно функционирање на политичките субјекти? Доколку логично заклучиме дека тие милион евра средства од буџетот не се неопходни за зачувување на изборниот процес и демократијата во државата, тогаш зарем не е поважно тие средства да послужат за успешно справување со кризата предизвикана од корона вирусот и со економската криза која е веќе на својот почеток? Од друга страна пак, дури и да не постоеше пандемијата, зарем не сметате дека тие средства треба да бидат наменети за проекти кои директно ќе влијаат за подобрување на животниот стандард на граѓаните кои сепак се заслужни за полнењето на истиот буџет. Во моментов нашата влада, особено Министерството за здравство, речиси секојдневно изјавуваат како не располагаме со доволен број болнички сместувања и немаме доволно услови за лекување на болните од корона вирусот. Затоа намалувањето или скратувањето на трошоците за финансирање на политичките партии е добар чекор кон тоа средствата на паметен начин да се пренасочат кон решавање на таквите и слични проблеми не само во 2020 и 2021 година, туку и во иднина.
Би сакал да истакнам уште неколку факти во врска со апсурдноста на финансирањето на политичките партии. Дали се наоѓаме во вонредна состојба, среде пандемија или не, единствен алтернативен метод на партиите за комуникација со народот со цел да го придобијат неговиот глас и поддршка е по пат на снимање и пуштање во програма рекламни спотови, како на пример за изборите во 2020 година. Доколку прашате некого дали се радува и се согласува со тоа што тие спотови биле финансирани токму од данокот кој тој го плаќа, секако дека би негодувал и веднаш би гласал да се пренаменат средствата за општото добро. Колку повеќе средства им се даваат на партиите, тие толку повеќе туѓите пари ќе ги трошат за рекламирање во медиумите и на билбордите по улиците. Партиите на македонската политичка сцена поради протекционизмот во своето долгогодишно финансирање единствено успеаја да предизвикаат целосна неоригиналност и безидејност не само во период на предизборните кампањи, туку и за време на своето четиригодишно владеење. Тоа што доспеале во таква ситација не е изненадувачко, бидејќи кога една партија не стравува од тоа да ја загуби моќта и влијанието, тогаш нема да даде сè од себе да придонесе за сите и да биде успешна во своето работење.
Иако Законот за финансирање на политичките партии е изгласан на седница во Собранието, дали сите ние како граѓани на државата сме директно прашани и инволвирани во одлучувањето за тоа дали воопшто се согласуваме со таков начин на трошење на јавните средства кои несомнено се наша сопственост, а не нивна? Дали е морално и логично, самите политичките партии да си изгласаат зголемено финансирање? Тоа е исто како некој студент сам да одлучи која оценка ќе ја добие на крајот на семестарот без да треба да го положи испитот. Во овој случај испитувачи треба да бидат граѓаните на Македонија и тие треба да одлучат дали средствата треба да се намалат или зголемат во зависност од придобивките кои ги имаат од работењето на сите досегашни влади. Но, мора да да го имаме на ум и тоа дека ниту една партија од оние кои биле дел од парламентарното мнозинство не би се откажала од средствата кои ги добива директно од буџетот, барем не во брзо време. Поради преголемите придобивки кои ги имаат партиите токму со овој закон нема ниту да размислат за тоа што е морално и праведно. Можеби во иднина нешто ќе се промени во структурата на партиите или ќе се појави нова десничарска партија која ќе се заинтересира за овој недемократски закон и ќе успее да ги прикаже сите негативни влијанија од овој закон не само врз буџетот на државата, туку и врз размислувањата и функционирањето на декомратските партии во државата.
На самиот крај, да се запрашаме и зошто насилно се одземаат парите од буџетот и се користат за политички маркетинг? Дали сме сигурни дека трошењето средства за политички маркетинг ни носи поголем бенефит од тоа да се изградат болници, да се гради и подобрува инфрасткуктурата, универзитетите и што ли уште не? Во врска со овие прашања мислењето на граѓаните никогаш не било уважено. Статистиките несомнено покажуваат дека од 1991 година па сѐ до денес значајно опаѓа интересот на граѓаните да излегуваат на избори и да гласаат, а пак, политичките партии стануваат сè побогати и имаат сè повеќе средства за своетпо делување. Тоа докажува дека зголемувањето на средствата за финансирање на партиите и нивните методи на трошење на тие средства не само што не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во политичките партии и самите политичари. Таа недоверба во политичките субјекти и политичарите, е целосно оправдана.
Поврзано
Кога ја говориш вистината
Вистината против неразумното владино трошењеТони Бачваровски • 04.09.2021.
Кога ја говориш вистината
Вистината против неразумното владино трошењеТони Бачваровски • 04.09.2021.